Како да станеме успешни претприемачи и што нив ги прави да бидат успешни. Ова е главното прашање што секојдневно си го поставуваат многу млади луѓе, кои се соочени со предизвиците што ги носи животот. Некои веруваат дека тоа е идејата, некои дека се финансиите. Сепак во Македонија е општо познато дека младите многу малку размислуваат да започнат свој бизнис и секогаш најмногу аплицираат на огласите за вработување во администрација. Но, во последните неколку години има многу успешни примери на млади луѓе кои решаваат да се впуштат во сопствен бизнис. Само една работа го карактеризира успешниот претприемач, а тоа е храброста и упорноста во она што го посакувате.
Како да станеме успешни претприемачи и што нив ги прави да бидат успешни. Ова е главното прашање што секојдневно си го поставуваат многу млади луѓе, кои се соочени со предизвиците што ги носи животот.
Некои веруваат дека тоа е идејата, некои дека се финансиите. Сепак во Македонија е општо познато дека младите многу малку размислуваат да започнат свој бизнис и секогаш најмногу аплицираат на огласите за вработување во администрација. Но, во последните неколку години има многу успешни примери на млади луѓе кои решаваат да се впуштат во сопствен бизнис.
Само една работа го карактеризира успешниот претприемач, а тоа е храброста и упорноста во она што го посакувате.
- Отсекогаш сум сакала да бидам сопственик на некоја моја компанија. Со претходното искуство како економски новинар учев за бизнисот, така со време добив идеја дека сакам да имам своја компанија и дека ќе ме знаат по нешто, вели Ивана Колева, сопственик на брендот "Се за роденден". Таа е пример на млад претприемач кој со иновативна идеја веќе некое време плива во бизнис-водите. Главната дејност на нејзината компанија е продажба на ваучери преку интернет за роденденски и секаков вид на прослави. Според Колева, најважно од се кај младите е да имаат идеја.
- Кога ја добив идејата да се занимавам со оваа работа не можев буквално да дишам или да спијам. Нормално, прво проверив дали постои нешто вакво слично во Македонија и видов дека се уште нема, па потоа видов дека во Европа и во Америка има нешто налик на мојата идеја, но не во таква форма како што јас ја замислив, објаснува Колева.
Својот бизнис таа го почнала со пари кои ги добила на еден бизнис-натпревар во вредност од 4.000 илјади евра, плус со некои нејзини заштеди успеала да почне со работа. Финансиите се многу важни за почнување на бизнисот и според неа многу малку претприемачи знаат дека на почеток имаат трошоци со самото формирање на фирмата.
- За четири месеци поминав преку 40 компании. Во Македонија најголема предност е што можеш да дојдеш до било кој и искуството кажува дека луѓето сакаат да помагаат. Најважно за идните претприемачи е да знаат дека треба да се многу застапени во јавноста, односно сите да дознаат со што се занимава таа фирма, вели Колева.
Успешен пример како Колева има и Томи Маџов, сопственик на Тауцети ДООЕЛ, лиценцирана компанија која ги презема обврските од куќните совети и се занимава со одржување на станбените згради со дозвола на самите станари. Идејата за основање на негова компанија му дошла на тој начин што имал тековен проблем во неговата зграда која долго време не успевале да ја решат со останатите станари.
- Видов дека има проблем и сфатив дека можам да го решам. И така почнав со бизнисот и основав сопствен бизнис, вели Маџов.
Олеснителна околност за него била што почнал да работи во дејност каде што има стабилен приход и обезбедува некаква сигурност и на некој начин не е подложен на удари од пазарот, зашто сепак на некој начин потпишуваат договори на долг рок. Но тука се и трошоци што ги има на самиот почеток како на пример самата лиценца за вршење на таа работа која пропишува дека треба да се има минимум тројца вработени.
- Проблем, но и предизвик е да си ја обезбедиш рентабилноста на компанијата, односно да имаш некој профит за себе и за вработените. Ние во краток период стигнавме до тоа, успеавме да ја издигнеме фирмата да застане на нозе и во период од 4 месеци станавме стабилни. Успеавме да се самофинансираме и да вработиме десет луѓе, објаснува Маџов.
Колева и Маџов се согласни во една работа дека во Македонија на младите најмногу им недостасуваат повеќе бизнис-натпревари, бизнис-инкубатори како и поголема информираност на младите. Бројката од седум проценти кај младите што се расположени да отворат свој бизнис е поразителна. Менталитетот и стравот кај луѓето преовладува и покрај идеите што ги имаат младите. Според нив веќе одамна ја поминавме фазата на тоа што значи претприемништво и сега треба да се фокусираме на мотивација од типот на тоа кои се македонските успешни сопственици на фирми, да не учиме за Стив Џобс или Бил Гејтс затоа што тоа се други општества, други услови.
- Треба некој од Македонија, треба да дојде и да покаже како тој успеал. На тој начин ќе се смени свеста на луѓето и ќе си речат дека ако можел тој, ќе можам и јас. Недостига намалување на тие почетни трошоци и отворање на фирми, тука има голем прогрес, но треба уште многу да се напредува на тоа поле. Младите треба да се стимулираат за втора шанса, што значи дека ако на некој му пропадне бизнисот не треба веднаш да се осуди дека тој е неуспешен, сметаат двајцата.